ВИДЕО: Критикуваниот Азар во 94. минута донесе реми за Реал со Севиља!

Реал Мадрид направи огромен чекор назад во битката за титула во Примера, затоа што на домашен терен едвај се спаси од пораз од Севиља (2-2) и со овој резултат најмногу се радуваат ривалите за тронот Атлетико Мадрид и Барселона.

  • Извештај од натпреварот:

„Кралевите“ важеа за фаворити на домашно тло, меѓутоа, Севиља изненади со храбрата игра и за малку не дојде до трите бода потпомогната од ВАР-технологијата која беше на страната на тимот од Андалузија. Во самиот финиш спасител на Реал Мадрид беше Еден Азар, кој влезе од клупата и донесе реми со погодок во 94. минута.

Во 12. минута Реал Мадрид прв дојде до предност, преку Бензема, ама голот беше поништен поради офсајд. Казната пристигна десет минути подоцна, кога Фернандо по асистенција на Ракитиќ донесе предност за Севиља, која стоеше до паузата. Реал имаше мал притисок на стартот на вториот дел, ама не успеа да реализира.

Зидан направи двојна замена, ги внесе Асенсио и Гутиерез, а токму Асенсио се покажа како „џокер“, затоа што погоди за изедначување на 1-1 во 67. минута од мечот. Лудоријата на „Алфредо Ди Стефано“ се случи во 78. минута од мечот, кога судијата поништи пенал за Реал, а ја врати акцијата назад и досуди најстрога казна за Севиља.

По една контра, Карим Бензема беше фаулиран во шеснаесетникот и „кралевите“ добија најстрога казна. Но, следеше сигнализација од ВАР-собата за можен пенал на спротивната страна, пред да започне акцијата на домашниот тим. Сигналот беше за игра со рака на Милитао, па тоа и се потврди и арбитарот Мунуера го поништи пеналот на Реал, а досуди на белата точка за Севиља, позиција од која Ракитиќ погоди за 1-2.

Во последните десет минути од мечот беше евидентна нервозата кај Реал Мадрид, а Севиља доста добро се затвори. Одбраната одолеа на офанзивата на „кралевите“, се до самиот финиш, кога Еден Азар среќно во 94. минута по еден шут на Тони Крос ги постави конечните 2-2.

Во моментов лидер во Примера е Атлетико со 77 бода. Реал Мадрид е втор со 75 бода исто колку што има и Барселона, додека Севиља има 71 бод. До крајот на првенството има уште три кола.