Кристијано Роналдо ризикува суспензија од четири месеци

Се чини дека Кристијано Роналдо е подготвен да се откаже од арапските милиони, за да се врати во европскиот фудбал. Но, тоа нема да биде лесно бидејќи ризикува можна четиримесечна суспензија.

Во ноември 2022 година, Роналдо стана слободен играч откако се раздели со Манчестер Јунајтед, а по Светското првенство во Катар изненади од својата одлука кариерата да ја продолжи во Азија. Португалскиот репрезентативец реши да ја прифати богатата понуда од Ал-Наср и да замине во Саудиска Арабија, а потоа изјави дека ја завршил кариерата во европскиот фудбал. Сепак, се чини дека се предомислил по неколку месеци играње во оваа земја, а сè повеќе се зборува и пишува за тоа како сака да се врати на европско тло.

Тој наводно е подготвен да се откаже од 500-те милиони евра, кои би ги добил за две ипол години од договорот во Ал-Наср, само за да се врати и во Европа. Без разлика што се вика Кристијано Роналдо, такво нешто нема да биде лесно, бидејќи доколку донесе еднострана одлука, може да заработи голема суспензија.

Доколку си замине од Ал-Наср без дозвола од клубот, би можел да добие четиримесечна суспензија, а би требало да плати и голема отштета. Колку и да го посакува некој во Европа во тој момент, тешко е да се донесе човек кој би бил надвор од терените речиси половина сезона, дури и да е Кристијано Роналдо.

Јасно е дека ќе биде тешко да се дојде до тоа, бидејќи веројатно тоа не би го дозволил ниту самиот Кристијано Роналдо, а ќе видиме дали ќе најде друг начин да го напушти клубот и да се врати на стариот континент.

Досегашниот учинок на Роналдо во Саудиска Арабија е 14 гола и две асистенции на 15 натпревари во првенството, а двапати настапи во Купот и еднаш во Суперкупот на Саудиска Арабија, но без учинок.