• Мартин Танасковски
Данскиот репрезентативец и поранешен играч на Манчестер Јунајтед, Кристијан Ериксен, е на чекор до официјализирање на својот трансфер во германскиот Бундеслигаш Волфсбург, јавува „Типсбладет“. Според информациите, 33-годишниот плејмејкер веќе отпатувал за Германија каде што треба да ги финализира сите детали околу договорот.
Ериксен пристигнува во редовите на „волците“ како слободен агент, откако летово му истече договорот со Манчестер Јунајтед. Разговорите меѓу Волфсбург и данскиот ас започнаа уште во јуни, а по неколкунеделни преговори, двете страни успеаја да постигнат договор. Во меѓувреме, Ериксен ја одржуваше формата во Малме, подготвувајќи се за новата авантура во Бундеслигата.
За искусниот играч од средниот ред, Волфсбург ќе биде шестиот клуб во неговата богата професионална кариера. Тој првично блесна во Ајакс, каде што се етаблираше како еден од најталентираните европски фудбалери. Потоа следеше долга и успешна етапа во Тотенхем, пред да направи трансфер во Интер, со кого ја освои Серија А. По срцевите проблеми и враќањето на терените, Ериксен се приклучи на Брентфорд, а подоцна и на Манчестер Јунајтед.







