ВИДЕО: Кристал Палас стави печат на катастрофалната сезона на Сити и го освои ФА Купот!

Од најголем фаворит за трофеите во сите натпреварувања, Манчестер Сити најлошата сезона во последната деценија ја заврши без ниту едно одличје, откако не го победи ниту Кристал Палас во финалето во ФА Купот. 

Легендарниот англиски стадион „Вембли“ беше сведок на уште едно изненадување во финалето од најмасовното и најстарото фудбалско натпреварување на светот. Кристал Палас го шокираа големиот Манчестер Сити и го подигнаа трофејот од ФА Купот. На тој начин, четата на Пеп Гвардиола втора сезона по ред го губи финалето во Лондон, откако минатата беше немоќен во соочувањето со градскиот ривал Манчестер Јунајтед.

  • Извештај од натпреварот:

Статистиката беше убедливо на страната на „граѓани“, но на ваквите натпревари се бројат само головите. Сити доминираше во текот на целиот натпревар, имаше скоро 80% посед на топката, испрати дваесет удари кон противничкиот гол, но ниту еден не заврши во посакуваната цел, па така гигантот од Манчестер остана и без трофеј и во последниот обид оваа сезона.

Кристал Палас, пак, кој и сезонава играше „топло-ладно“ во Премиер лигата, одигра натпревар кој фановите ќе го паметат цел живот. Момците на Гласнер мудро се бранеа и ја чекаа својата шанса, а кога таа пристигна, Езе на додавање на Муњоз го совлада Едерсон и донесе предност за својот тим од 1-0.

Сити до крајот на полувремето ја пропушти најголемата шанса да избегне пораз, откако зимското засилување Мармуш не реализира од единаесет метри, поточно Дин Хендерсон со пантерска интервенција го обрани неговиот удар. Во вториот дел Кристал Палас преку Муњоз постигна уште еден погодок, но ВАР реагираше и поради офсајд му го поништи.   

Лондончани успеаја да го сочуваат минималното водство и на тој начин на своите фанови да им го донесат првиот трофеј во 120 години постоење на клубот.