Крег Белами е нов селектор на репрезентацијата на Велс

Репрезентацијата на Велс доби нов предводник, откако Фудбалскиот сојуз го потврди Крег Белами како нов тренер. 

Легендата на Велс стави потпис на четиригодишен договор во важност до јуни 2028. Тој на селекторското место го наследи Роберт Пејџ кој доби отказ во претходниот месец. Самиот Белами нагласи дека му е огромна чест и дека е подготвен за предизвикот. 

„Неверојатна е честа која ја добив да ја водам својата земја. Ова е најгордиот момент во мојата кариера. Отсекогаш ми било цел да бидам селектор на Велс, подготвен сум за предизвикот“, изјави Белами. 

Во својата кариера како самостоен тренер Белами работеше само во младинскиот тим на Андерлехт, а минатата сезона беше дел од стручниот штаб на Барнли.

Како фудбалер играше за Норич, Ковентри, Њукасл, Селтик, Блекбурн, Ливерпул, Вест Хем, Манчестер сити и Кардиф. Во репрезентацијата на Велс, Белами одигра 78 натпревари и даде 19 гола.