ВИДЕО: „Кралскиот“ Реал Мадрид од 0-2 едвај до бод со храбриот Клуб Бриж

Најтрофејниот клуб во Лигата на шампионите, екипата на Реал Мадрид, ги разочара своите навивачи и на „Сантијаго Бернабеу“ едвај се спаси од пораз во натпреварот против белгиски Клуб Бриж (2-2).

  • Извештај од натпреварот:

Белгијците имаа предност од два гола, но не успеаја да го издржат притисокот од „кралевите“ во второто полувреме, па мора да се задоволат со еден освоен бод на тешкото гостување. Тимот на Зидан покажа две различни лица, во првото беше безопасен, во второто имаше иницијатива, но немаше сила за победа.

Во првото полувреме од мечот белгискиот гостин играше како во транс. Два гола постигна напаѓачот Денис, во 9. и 39. минута, за голема предност и шок на „Сантијаго Бернабеу“. Реал Мадрид имаше свои шанси, но сите профучеа крај диреците. Лошата игра во одбраната дополнително го исфрустрира Зидан, па реши да прави замени на паузата.

Францускиот тренер ги повлече од игра Куртоа и Начо, а на нивно место влегоа Ареола и Марсело. Реал Мадрид делуваше подобро, а иницијативата по неколку пропуштени шанси донесе гол во 55. минута, кога Рамос со глава погоди по асистенција на Бензема. По дадениот гол Реап продолжи да притиска, Бриж остана и со играч помалку поради исклучување на Вормер во 84. минута, а бројчаната предност „кралевите“ ја искористија една минута подоцна, кога Касемиро реализира со глава по асистенција на Крос, за конечни 2-2.

Реал Мадрид има само еден бод по две кола во ЛШ, а во наредната рунда гостува во Турција кај Галатасарај. Бриж, пак, досега е непоразен, а во третата рунда ќе му биде домаќин на ПСЖ.

На вториот натпревар во терминот од 18:55 часот, Шахтјор Доњецк во самиот финиш дојде до победа над Аталанта (1-2). Италијанскиот тим прво промаши пенал преку Иличиќ, а потоа во 28. минута поведе преку Запата, за во 41. минута, Мораеш да стрела за 1-1. Кога сите очекуваа крај, во 95. минута успеа да реализира Соломон, за голема победа на Украинците на гости.