„Кралот“ го дрма криза: Реал во 95. минута доби „шлаканица“ од Алавес! (ВИДЕО)

Екипата на Реал Мадрид важеше за голем фаворит на гостувањето кај Алавес, но комплетно потфрли, па во самиот финиш прими гол од аутсајдерот и загуби со минимален резултат (1-0). Поразот дојде во последниот напад на натпреварот, а дополннителни проблеми создава обновената повреда на Бејл и замената на Бензема на полувреме заради лошата форма.

Лопетеги на овој меч не можеше да смета на неколку првотимци, па тимот беше десеткуван. Во составот ги немаше Иско, Марсело и Карвахал кои се повредени, а со полна сила не можеше да игра и Герет Бејл, кој исто така се мачеше со повреда. Алармот во Реал Мадрид е вклучен, затоа што тимот е во гол-криза и четврти меч по ред во сите натпреварувања нема дадено гол.

И двата тима немаа премногу сериозни шанси за гол, па се броеја на прсти. Алавес се закани по еднаш во првото и второто полувреме, преку најистурениот играч Калери, додека „кралевите“ имаа обиди преку Бензема на стартот, а потоа и Касемиро, но дефанзивата на домашните блокираше на ниво. Единствениот погодок на мечот падна во 95. минута, кога по една мешаница од корнер погоди Ману Гарсија, за голема радост на домашните.

За Реал Мадрид ова е втор пораз сезонава во Примера, по оној против Севиља и три кола не знае за успех. Тимот има 14 бода, исто колку и Барселона, која ова коло гостува кај Валенсија. Алавес игра одлично на стартот и котира на високото трето место во шпанската фудбалска елита.