ВИДЕО: „Кралевите“ се посрамотија со Кадиз и првпат загубија во Примера

Актуелниот шпански првак Реал Мадрид неочекувано киксна со повратникот во елитата Кадиз (0-1) и го доживеа првиот неуспех во новата сезона од Примера.

  • Извештај од натпреварот:

Домаќинот го одигра најлошото полувреме во новата сезона и заслужено замина во соблекувална со минимална негатива. Мечот започна со одлична реакција на Серхио Рамос, кој спаси чист погодок од гол-линијата, по ударот на Алваро Негредо. Тоа беше најава за она што следува, а тоа беше подобра игра на аутсајдерот на денешната средба.

Добриот момент новајлијата во лигата го искористи Лозано кој го надмудри Куртоа и донесе изненадувачка предност на гостите. Мадриѓани не одиграа во препознатлив стил и се заканија само преку Варан, што не беше доволно за да се вратат во игра.

Најдобрата шанса за гол во второто полувреме ја имаше Карим Бензема во 82. минута. Французинот испрати еден шут од работ на казнениот простор, ама неговиот обид ја стресе пречката од голот на Кадиз.

Кадиз како повратник во Примера има одличен старт и по пет кола има десет бода. Се наоѓа на второто место, додека лидер е Реал Мадрид исто така со десет бода. „Десетка“ има и зад името на Гранада која има и меч помалку.