• Саше Љолес

Европските клупски натпреварувања под „капата“ на УЕФА и минатата година беа неизбежен дел од животот на секој љубител на спортот, кој обожава да ги гледа натпреварите во Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.
2024-тата ќе остане запаметена како годината во која заминаа во историја старите формати на натпреварувањата, а од новата сезона сите екипи играат во една огромна група со по 36 учесници. Дел од екипите истакнаа дека овој формат е малку чуден и потребно им е време за адаптација, но се чини дека УЕФА барем за момент успеа да ги одврати гигантите од идејата за формирање на таканаречената „Суперлига“.
Во Лигата на шампионите на тронот повторно се искачи славниот Реал Мадрид, кој со рутински 2-0 ја надигра Борусија од Дортмунд во финалето одржано на „Вембли“ во Лондон. За „кралевите“ ова беше петнаесетта титула, со која го продолжија митот за елитното натпреварување и потврдија дека токму тука се најсилни, не оставајќи ѝ на конкуренцијата многу надеж за приближување кон пиедесталот. Творци на победата во финалниот меч беа Дани Карвахал и Винициус Жуниор, кои стрелаа по еднаш во второто полувреме.
Поинаква беше сликата во Лига Европа, каде се случи историски момент, односно италијанската Аталанта за првпат во своето постоење се закити со трофеј од еврокуповите, совладувајќи го во финалето Баер Леверкузен со убедливи 3-0.
Тимот од Бергамо испиша заокружи феноменална сезона, а исто така многу причини за радост имаше и искусниот тренер Џан Пјеро Гасперини, кој ја освои првата меѓународна титула во долгата и богата кариера. Аталанта и сезонава прикажува феноменални игри и во моментов е при самиот врв во Серија А, заедно со екипите на Интер и Наполи.
Уште еден италијански тим учествуваше во финалниот натпревар во Конференциската лига на УЕФА, но тука трофејот замина кај грчкиот Олимпијакос, кој исто така стигна до премиерен наслов во Европа откако ја надигра Фиорентина со минимални 1-0.
Радоста и еуфоријата на улиците на Атина траеше со денови, слика која беше сосема поинаква на спротивната страна, каде „виолетовите“ од Фиренца мораа да се помират со втор пораз едноподруго во финалните мечеви на најновото европско натпреварување и станаа прв тим во историјата со ваков неславен учинок.