„Кралевите“ лути на повторената ждрепка, имале и претходно свое барање

УЕФА направи грешка, ги измеша топчињата и мораше да ја повтори ждрепката за осминафиналето од Лигата на шампионите, а најголеми губитници се Реал Мадрид и Интер кои ќе мора да играат со посилни ривали од оние кои ги извлекоа претходно.

„Кралевите“ во првиот случај ја извлекоа Бенфика, но таа ждрепка беше поништен поради „технички проблеми“ и сега ќе мора да играат со Пари Сен Жермен. Шпанскиот тим се жали со право, затоа што нивниот пар беше извлечен пред да бидат измешани топчињата и да настане проблем при влечењето на Виљареал и Манчестер Јунајтед.

Уште пред втората ждрепка од Реал Мадрид, наводно, барале да се повтори влечењето, но од парот при кој настана проблемот, во случајов влечењето на Виљареал и Манчестер Јунајтед. „Кадена Сер“ пишува дека клубот подготува допис до претседателот Александар Чеферин. Од Мадрид сметаат дека одлуката да се повтори целата ждрепка е скандалозна и УЕФА не смеела да се повикува на „технички проблем“.

Сезоната во елитното клупско натпреварување ќе продолжи на 15/16 и 22/23 февруари кога се закажани првите натпревари. Реваншите ќе се одиграат две недели подоцна, односно на 8/9 и 15/16 март.