„Кралевите“ чекаат трансфер-бомби, Реал Мадрид обновува договори

Екипата на Реал Мадрид го продолжи договорот со уште еден првотимец, додека навивачите нетрпеливо чекаат трансфер-бомби со кои ќе може да се надеваат на враќање на тронот во Шпанија в година.

29-годишниот дефанзивец Начо Фернандез го продолжи договорот со „кралевите“ и останува во тимот до јуни, 2022 година. Новата соработка доаѓа по барање на Перез и Зидан, овој играч да остане во тимот.

Начо е познат како лојален „крал“, затоа што во клубот пристигна во далечната 2001 година како дете, а дебитираше во 2011 година кога тренер беше Жозе Мурињо. Целата кариера тој ја мина во Мадрид, а како што изгледа, тука и ќе ја заврши.

Шпанскиот репрезентативец за Реал Мадрид досега одигра 128 меча, на кои постигна шест гола. Пред Начо, договорот со шпанскиот гигант го продолжи и Тони Крос.