ВИДЕО: Крај за европските амбиции на Шкендија, Рига победи и на реваншот

Рига Шкендија

Македонскиот шампион Шкендија ги заврши настапите во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, со денешниот втор пораз од летонска Рига (0-1). По неуспехот на гостински терен, тетовчани не покажаа дека се зрели за пресврт на реваншот во Скопје и го загубија двомечот без ниту еден постигнат погодок.

Мечот започна со груба игра на двете страни. Првиот дел го одбележа главниот судија, кој беше доста активен. Подели дури четири жолти картони, половина во првите 15 минути. Гостите од Летонија умешно се бранеа, со оглед на тоа што имаа убава предност од првиот меч. Домашните фудбалери, пак, имаа иницијатива, која сепак не донесе водечки погодок.

Бесарт Ибраими прв се закани по 11 минути игра. Но, голманот Иван Бркиќ лесно прочита и не дозволи да се тресе неговата мрежа. Следуваше израмнето надигрување, пред Љупче Дориев по половина час да промаши цел гол. Тоа беше уште една неуспешна закана кон гостинскиот гол. Една од ретките шанси за Рига ја имаше Иван Пауревиќ, кој не беше доволно прецизен за да ги шокира тетовчани. Полувремето заврши со блокиран шут на македонскиот репрезентативец Егзон Бејтулаи.

Летонскиот претставник започна подобро во вториот дел. Направи мал притисок, кој резултираше со погодок во мрежата на Костадин Захов. По еден центаршут на Јури Вакулко од левата страна, во центарот на казнениот простор топката ја прифати Микаел Антеро Соисало, кој рутински запиша реализација во 52. минута. Причина за овој погодок беше лошата поставеност на домашните фудбалери од одбраната.

Шкендија одговори преку Дориев, кој одново го намачи гостинскиот голман. Неговиот обид заврши во рамката од голот, а топката на крај беше исфрлена во корнер. Гостинот одговори со дефанзивна тактика и чекаше шанса за одново да казни по контра нападите. До крајот немаше возбудувања пред двата гола кои најавуваа нов погодок, па минималниот триумф го однесе тимот од Летонија.