• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Стразбур приредија изненадување во 23. коло од Лига 1, совладувајќи го Олимпик Лион со 3-1, резултат со кој се стави крај на импресивната серија од 13 победи по ред на гостите во сите натпреварувања. Со овој триумф, тимот од Алзас стигна до 34 бодови и се искачи на седмата позиција на табелата, додека Лион останува трет со 45 поени, но со сериозен удар врз самодовербата во клучен дел од сезоната.
- Извештај од натпреварот:
Натпреварот тргна во неповолен правец за гостите уште во 28. минута, кога поради повреда теренот мораше да го напушти чешкиот играч за врска Павел Шулц. Тој момент како да го наруши ритамот на Лион, кој десет минути подоцна беше казнет. Избраниците на тренерот Гери О’Нил изведоа одлична тимска акција – Диего Мореира испрати прецизна топка зад одбраната на Лион, а Марсијал Годо сигурно реализираше за водство на домаќините.
Само седум минути по почетокот на второто полувреме, Стразбур ја зголеми предноста. Мореира се одлучи за удар од далечина, а топката, со мала доза среќа, заврши во мрежата за 2-0 и дополнително ја запали атмосферата на трибините. Лион, сепак, не се предаде. На истекот од еден час игра гостите изведоа извонредна акција која започна од голманот Грејф, а беше крунисана со погодок на Корентен Толисо, со што резултатот беше намален на 2-1 и надежта за камбек повторно оживеа.
Сепак, сите дилеми околу победникот беа решени во 83. минута. Ел Мурабат беше соборен во шеснаесетникот, а најдобриот стрелец на Стразбур, Хоакин Паничели, сигурно го реализираше пеналот за конечни 3-1.








