Крај на сагата: Санчо пет години „ѓавол“, Дортмунд добива 90 милиони евра

Англискиот фудбалер Џејдон Санчо по настапот на Европското првенство (ЕП) ќе има нов клуб, затоа што договорил соработка со премиерлигашот Манчестер Јунајтед.

Сагата меѓу Санчо и Јунајтед веројатно ќе го доживее својот крај. Барем така тврдат од Англија, од каде медиумите јавуваат дека трансферот е комплетиран и дека 21-годишниот играч наскоро ќе ја задолжи опремата на „ѓаволите“.

Деталите се веќе договорени. Санчо ќе потпише петгодишен договор, а Дортмунд за неговите услуги ќе добие 90 милиони евра. Сумата ќе биде фиксна, односно без рати и бонуси.

Џејдон Санчо игра за Дортмунд од 2017 година, а претходно настапуваше за Вотфорд и Манчестер Сити. За репрезентацијата на Англија крилниот играч досега има 20 одиграни натпревари.