• Мартин Танасковски

Летниот преоден рок во најсилните европски лиги донесе бројни спектакуларни трансфери, а убедливо најактивни беа клубовите од Премиер лигата. Дури девет од десетте најскапи зделки ова лето завршија во Англија, додека единствен исклучок е Реал Мадрид.
Најголемиот трансфер беше реализиран во самиот финиш на преодниот рок, кога Манчестер Сити го ангажираше аргентинскиот репрезентативец Енцо Фернандез од Челси за 146 милиони евра. Со тоа, 25-годишниот играч од средниот ред стана најскапото засилување во историјата на „граѓаните“, а неговиот трансфер го израмни британскиот рекорд поставен минатото лето со преминот на Александер Исак во Ливерпул. Воедно, Фернандез стана првиот фудбалер кој двапати во кариерата бил продаден за повеќе од 100 милиони евра.
Манчестер Сити има дури три засилувања меѓу десетте најскапи трансфери. Покрај Фернандез, англискиот вицешампион го доведе Елиот Андерсон од Нотингем Форест за 135 милиони евра, како и 18-годишниот Ајуб Буади од Лил за 95 милиони евра.
Вториот најголем трансфер летово го реализира Челзи, кој плати 138 милиони евра за Морган Роџерс од Астон Вила. Англискиот репрезентативец стана најскапото засилување во историјата на лондонскиот клуб. Ливерпул вложи 125 милиони евра за да го доведе францускиот крилен напаѓач Бредли Баркола од ПСЖ. Договорот содржи и дополнителни бонуси, па вкупната вредност на трансферот може да достигне 145 милиони евра.
Единствениот клуб надвор од Премиер лигата кој се најде меѓу најголемите трансфери е Реал Мадрид. „Кралскиот клуб“ му плати 125 милиони евра на РБ Лајпциг за 19-годишниот Јан Диоманде, а со бонусите сумата може да порасне до 140 милиони евра. Ова е најголемата фиксна отштета што Реал некогаш ја платил за еден фудбалер.
Тотенхем исто така беше исклучително активен на трансфер-пазарот. Лондонскиот клуб потроши 108 милиони евра за Сандро Тонали од Њукасл, 99 милиони евра за Матеус Фернандеш од Вест Хем и 87,7 милиони евра за Савињо од Манчестер Сити. Меѓу десетте најголеми зделки се најде и трансферот на Бруно Гимараеш, кој од Њукасл се пресели во Арсенал за 87,5 милиони евра.
Десетте најскапи трансфери во летниот преоден рок 2026:
Енцо Фернандез (Челзи - Манчестер Сити) – 146 милиони евра
Морган Роџерс (Астон Вила - Челзи) – 138 милиони евра
Елиот Андерсон (Нотингем Форест - Манчестер Сити) – 135 милиони евра
Бредли Баркола (ПСЖ - Ливерпул) – 125 милиони евра
Јан Диоманде (РБ Лајпциг - Реал Мадрид) – 125 милиони евра
Сандро Тонали (Њукасл - Тотенхем) – 108 милиони евра
Матеус Фернандеш (Вест Хем - Тотенхем) – 99 милиони евра
Ајуб Буади (Лил - Манчестер Сити) – 95 милиони евра
Савињо (Манчестер Сити - Тотенхем) – 87,7 милиони евра
Бруно Гимараеш (Њукасл - Арсенал) – 87,5 милиони евра.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.





