• Мартин Танасковски
Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, сериозно размислува да се откаже од функцијата во 2026 година, иако неговиот актуелен мандат официјално истекува во 2028. Информацијата ја објави новинарот Пепе Алварес на социјалните мрежи, наведувајќи дека 78-годишниот Перез сака контролирано и организирано предавање на власта, без разлика дали тоа ќе биде поддржано со референдум меѓу членовите на клубот.
Перез, кој според актуелните бројки и освоени трофеи најчесто ја добива титулата најуспешен претседател во историјата на фудбалот, првпат застана на чело на „кралскиот клуб“ во 2000 година, а на функцијата остана до 2006. Во 2009 година повторно беше избран без противкандидат и од тогаш Реал Мадрид функционира под негово водство.
Трофејната ризница на клубот во ерата на Газда Флорентино изгледа импресивно. Под негово претседателство, Реал Мадрид освои седум титули во Лигата на шампионите, седум шампионски трофеи во Ла Лига, седум Суперкупа на Шпанија, шест европски Суперкупа, пет трофеи од Светското клупско првенство на ФИФА, три Купови на Шпанија, како и два Интерконтинентални купови.
Овие резултати го потврдуваат Перес како најуспешниот претседател во историјата на клубот, човек кој го преработи Реал Мадрид во глобална спортска сила, и на теренот и надвор од него. Доколку навистина се повлече во 2026 година, тоа би значело крај на една од најдолгите и најуспешни управувачки ери во модерниот фудбал.







