Крај на една успешна приказна: Најдобриот стрелец си замина од Струга ТЛ

Баширу Компаоре повеќе не е дел од Струга Трим Лум, откако двете страни се разделија по истекот на договорот.

Напаѓачот од Буркина Фасо по речиси три години минати во клубот си заминува како еден од најважните играчи, зад себе оставајќи 83 настапи, 29 гола и 14 асистенции. Минатата сезона беше неговата најдобра, откако на 25 натпревари постигна 17 гола и додаде пет асистенции, со што го освои признанието за најдобар стрелец во шампионатот.

Компаоре пристигна во Струга во 2023 година, а низ годините работеше со неколку тренери, постепено градејќи ја својата улога во тимот, за на крајот да експлодира со голгетерски ефект.

Од клубот му се заблагодарија за придонесот, моментите и спомените што ги остави, посакувајќи му многу успех во продолжението од кариерата.