• Горан Упале

Златко Далиќ повеќе не е селектор на хрватската фудбалска репрезентација. По елиминацијата на „коцкестите“ во шеснаесетинафиналето на Светското првенство од Португалија (2-1), искусниот стратег одлучи да се повлече од функцијата што ја извршуваше од 2017 година.
Со тоа завршува најуспешната ера во историјата на хрватската репрезентација. Под водство на Далиќ, Хрватска го освои сребрениот медал на Мундијалот во Русија во 2018 година, бронзата во Катар во 2022 година, а беше финалист и во Лигата на нации.
Хрватскиот фудбалски сојуз преку емотивна порака му се заблагодари на Далиќ за сè што направи во изминатите речиси девет години.
„Скромно пристигнување. Незаборавен пат. Горд збогум. По речиси девет години, селекторот Златко Далиќ одлучи да ја заврши својата неверојатно успешна ера на чело на 'Ватрените'. Ти благодариме за победите, успесите, медалите, заедништвото и достоинственото претставување на Хрватска. Резултатите зборуваат каков тренер си, а почитта од играчите, соработниците и противниците кажува каков човек си“, порачаа од ХНС.
Заминувањето на Далиќ означува крај на едно од најуспешните поглавја во историјата на хрватскиот фудбал, а во наредниот период се очекува ХНС да го објави неговиот наследник. Прв кандидат е Славен Билиќ.

