Крај на една ера: Замина највозрасниот менаџер во Премиер лигата

Англиската Премиер лига останува без највозрасниот менаџер меѓу членовите на елитното друштво. Сите медиуми на Островот ја потврдија веста дека Рој Хоџсон дефинитивно го напушшти Кристал Палас, а управата ќе го соопшти името на новиот тренер до крајот на неделава. 

За 76-годишниот стратег ова беше втор престој во клубот, откако претходно го водеше во периодот од 2017 до 2021 година. Прекинот на соработката доаѓа поради две причини - лошата серија од три победи на последните 16 мечеви, како и влошеното здравје на тренерот. 

„Овој клуб многу ми значи во животот. Цели шест години бев дел од Палас и срцето ми припаѓа тука. Имав прилика да работам со врвни фудбалери, а задоволство беше да се соработува и со сите во управата. Донесов одлука за која верувам дека е исправна.

Сакам тимот да почне да бележи подобри резултати, но се плашам дека и моето здравје не ми дозволува максимално да се посветам на сите обврски. Поднесувам оставка и заминувам, но тоа не значи дека љубовта за Палас ќе згасне. Му посакувам на идниот менаџер многу среќа и успешни резултати во иднина“, изјави веќе екс-тренерот на Кристал Палас.

Легендарниот Рој Хоџсон ја започна тренерската кариера во далечната 1976 година. Беше предводник на многу европски клубови, меѓу кои најзвучни се Интер, Удинезе, Копенхаген, Фулам, Ливерпул, Кристал Палас и Вотфорд, а беше селектор на Финска, Швајцарија и Англија

Англиските медиуми шпекулираат со повеќе имиња кои би го наследиле Хоџсон на клупата на Кристал Палас, а како најсериозен кандидат се споменува Оливер Гласнер.