• Саше Љолес
Селекторот на фудбалската репрезентација на Словенија, Матјаж Кек, и официјално ја заврши својата мисија на кормилото на националниот тим. Неговиот договор со Фудбалската федерација на Словенија истече на 30 ноември, а двете страни по разговорите одлучија да не ја продолжат соработката.
Од федерацијата соопштија дека му се заблагодаруваат на Кек за „одличната и коректна соработка“ и за резултатите кои, како што наведуваат, „ќе останат запишани во историјата на словенечкиот фудбал“.
Кек го водеше националниот тим во својот втор мандат од 2018 година. Под негово водство Словенија се пласираше на Европското првенство 2024, каде првпат во историјата успеа да стигне до осминафинале, што беше еден од најголемите успеси на репрезентацијата.
Сепак, неуспехот во квалификациите за Светското првенство 2026, каде Словенија не забележа една победа во шест натпревари, беше пресуден фактор да не дојде до продолжување на договорот.
Фудбалската федерација на Словенија најави дека наскоро ќе отпочне постапка за избор на нов селектор. Во јавноста веќе циркулираат можни имиња, но конечната одлука ќе дојде наскоро.



