Крај на една ера: Баерн Минхен останува без „Робери“

Францускиот фудбалер Франк Рибери нема да го продолжи договорот со Баерн Минхен и во јуни ќе си замине од екипата, потврдија од таборот на Баварците.

Она што долго време се шпекулираше, клубот го обелодени. Крилото, кое има 36 години, по крајот на актуелната сезона ќе си бара нова средина, затоа што договорот кој му истекува на 30 јуни нема да биде продолжен.

Рибери е еден од фудбалерите со најдолг стаж во германскиот првак, во чии редови пристигна во далечната 2007 година од Олимпик Марсеј. Покрај Рибери, од Баерн Минхен ќе си замине и Арјен Робен, што значи дека популарното дуо „Робери“ ќе замине во историјата.

Од клубот истакнаа дека во 2020 година планираат епски натпревар во чест на двајцата свои најверни фудбалери од актуелниот состав.