ВИДЕО: Крај на бајката на Адеми и Ристовски, Динамо достојно се прости од ЛЕ

Македонија нема да има веќе фудбалери-претставници во Лигата на Европа, затоа што Аријан Адеми и Стефан Ристовски заедно со нивниот Динамо Загреб загубија кај Виљареал (2-1) и се простија од Лигата на Европа.

  • Извештај од натпреварот:

Хрватските „модри“ не разочараа, ама во клучните моменти немаа спортска среќа за да му одолеат на ривалот. Виљареал даде два брзи гола во првото полувреме, па игратата во вториот дел за „жолтата подморница“ беше далеку полесна.

По еден доста мирен и тактички дисциплиниран старт, Виљареал поведе од првата шанса. Во 36. минута Пако Алкасер доби топка од Чуквуеѕе, а судиите го признаа голот дури и по прегледување на ВАР поради можен офсајд при градењето на акцијата. Само неколку минути подоцна, во листата на стрелците се запиша и Морено за 2-0, што беше резултат и на паузата.

На стартот на второто полувреме Виљареал имаше уште две добри шанси, но голманот Ливаковиќ не дозволи неговата мрежа да се стресе. Динамо Загреб дојде до почесен погодок во 74. минута, по акција која започна од Адеми, кој истрча до противничкиот гол, па го проигра Петковиќ, а тој го пронајде Оршиќ кој го стресе Виљареал.

Виљареал во полуфиналето вкрстува со Арсенал, кој убедливо ја надигра Славија Прага во реваншот.