Крај на 39 години: Дарко Тасевски заминува во пензија!

Македонскиот фудбалер Дарко Тасевски по крајот на актуелната сезона официјално заминува во пензија и ќе прекине со фудбалот.

Тасевски, кој има 39 години, во моментов е член на Славија Софија. Иако лани ја најавуваше пензијата, не ја оствари, но оваа година одлуката за закачување на копачките на клин е дефинитивна. Пензијата ќе дојде по последниот меч од бугарскиот шампионат со Локомотив Софија.

Од Бугарија од претходно најавуваа дека голема е веројатноста Тасевски да продолжи со работа во младинските погони на Славија Софија како тренер. Дарко и неговата сопруга Ромина заедно со трите деца живеат веќе подолго време во бугарскиот главен град.

Тасевски е дел од Славија Софија од 2019 година. Претходно играше на Тајланд каде остави голема трага како играч на Кон Каен, Суфанбури, Бангкок Глас, има и настапи во израелска Шмона, бугарски Левски, украински Металург Запорожје како и македонските Вардар и Цементарница 55.

Зад своето име Дарко Тасевски има и 45 настапи за репрезентацијата на Македонија, со еден постигнат гол.