Кожуф ја демолира Саса, Лабуништа се „лизна“ кај Генч Калемлер

Екипата на Кожув oд Гевгелија, по ремито со Кит Го и поразот од Тиквеш, им се врати на победите во Втората македонска фудбалска лига-Исток, откако во денешниот натпревар против Саса, извојува убедлив триумф од 4-0 (2-0). 

Гевгеличани, кои добро ја започнаа сезона, но потоа имаа мал пад, попладнево доминираа во сите 90 минути против тимот од Каменица и заслужено запишаа три бода на своето конто. По мирниот почеток, фудбалерите на Кожув се разбудија во самиот финиш од првиот дел и со два брзи гола ја најави убедливата победа. 

Резултатот го отвори Ники Зумровски во 40. минута, а две минути подоцна комотни 2-0 донесе Марјан Ристовски. Истиот фудбалер со својот втор погодок во 69. минута ја зголеми предноста на Кожув, додека конечните 4-0 ги постави резервистот Славе Танов на десет минути до крајот на мечот. Со оваа победа Кожув стигна до 22 бод во Втората лига и сега е на делба на третата позиција, заедно со Брегалница и Кит Го. 

Денес се одигра и еден натпревар од ВМФЛ-Запад, на кој лидерот Лабуништа не успеа да го пронајде решението за Генч Калемрел и во Гостивар одигра непопуларно реми од 0-0.  

Фудбалерите на лидерот во Источната конференција, Борец, продолжуваат со одличните игри и попладнево ја запишаа десеттата победа во новата сезона. Пред разиграните велешани падна тимот на Партизан Обрешани, кој на крајот беше поразен со сигурни 3-0. Стрелец на двата гола за Борец, беше Симеон Христов, кој мрежата на гостинот ја затресе во 6. и 83. минута.