ВИДЕО: Кожуф пристојно загуби од Шкендија во Купот на Македонија

Екипите на Кожуф и Шкендија по две одложувања конечно го одиграа својот дуел во Купот на Македонија и истиот им припадна на фаворизираните тетовчани, кои на „Градскиот стадион“ во Гевгелија славеа со 0-2 (0-2).

Шкендија ја брани круната во најмасовното македонско клупско натпреварување и на терен ја оправда фаворитската улога. Триумфот можеби беше поскромен од очекуваното, со два гола во противничката мрежа, но е доволен за пласман меѓу 15-те најдобри екипи во Купот.

Тетовчани тргнаа со притисок уште од самиот старт на тешкиот терен, но второлигашот одолеваше на нападите. Кожуф ја чекаше својата шанса преку контра, имаше и неколку шанси за гол, а откако не ги искористи поради лошиот завршен пас, Шкендија казни и преку Бесарт Ибраими поведе со 0-1.

Потоа, Кожуф нанижа нови три шанси пред голот на Захов, но истите завршија неискористени, затоа што шутевите на најистурениот напаѓач минаа крај стативите. Точка на победата Шкендија стави во средината на првото полувреме, кога погоди Омар Имери, со еден силен шут во 28. минута над главата на голманот на гевгеличани. За младиот фудбалер ова беше деби-гол по трансферот од Шкупи во Тетово.

Шкендија е последниот тим кој недостасуваше во осминафиналната фаза, каде веќе чекаа Кораб, Беласица, Скопје, Академија Пандев, Кит-Го Пехчево, Работнички, Брегалница, Вардар, Пелистер, Гостивар, Силекс, Тиквеш, Македонија ЃП и Победа. Ждрепката за наредната нокаут-фаза во Купот ќе биде извршена наскоро.