Ковач откри како Монако успеа да го задржи Килијан Мбапе

Монако успеа да го победи шампионот ПСЖ среде престолнината на Франција со 0-2, што за нив беше прво славје во Париз по 2016 година. 

Екипата од кнежевството успеа да го надигра ривалот, а очигледно Нико Ковач го надмудри Маурисио Почетино. По натпреварот Хрватот зборуваше за Килијан Мбапе и како успеал да го задржи најдобриот играч на ПСЖ. 

„Нашиот план беше да го избришеме Мбапе од играта на ПСЖ. Тој е страшен напаѓач, па моравме да го неутрализираме неговиот пристап до топката, со поставување на тројца или четворица играчи блиску до него. Сите го чуваа, покажавме одлична игра во одбраната и не успеаја да ни наштетат“, изјави Ковач. 

Монако влета во трката за првите три позиции, бидејќи му се приближи на ПСЖ на два бода заостанување, додека „светците“ загубија чекор со водечкиот Лил, кој има +4 на врвот.