Ковач: Благодарен сум на Баерн, одморен сум и на лето се враќам

Нико Ковач за првпат јавно и отворено зборуваше по отказот во Баерн Минхен. Многу шпекулации се вртеа низ медиумите изминатите неколку месеци, а за идна дестинација на Хрватот се споменуваа Ајнтрахт Франкфурт, Херта, Арсенал и Вест Хем

Сепак, стручњакот призна дека за тоа време тој само одмарал и шетал низ светот. 

„Минав две цели недели на скијање, нешто што не се случило 13 години. Бев во Мајами на Супербоул, бидејќи сум голем фан на американскиот фудбал“, започна Ковач.

Исто така, тој зборуваше и призна дека не му замерува на клубот, ниту на играчите и најави дека би се вратил во тренерските води налето. 

„Кога ќе ги погледнам тие три ипол години, можам да извлечам само позитивни работи. Благодарен сум што имав шанса да работам во Баерн. Фудбалот носи емоции, затоа не замерувам никому, гледам само напред. Одново се чувствувам позитивно и мислам дека од следното лето можам да преземам клуб. Тешко дека ќе биде поголем од Баерн, но битно ми е да се идентификувам со клубот“, призна Хрватот. 

Ковач својата тренерска кариера ја започна во академијата на Салцбург, пред да седне на клупата на младинската селекција на Хрватска, а потоа и на сениорската. Во 2016 година беше регрутиран од Ајнтрахт Франкфурт, каде со одличните партии го привлече вниманието на Баерн Минхен.