Костов: Кога дојдов имав само ШЕСТ фудбалери, а сега со омилениот клуб одам во ПМФЛ!

Експертот за промоција на клубови од ВМФЛ во ПМФЛ, Влатко Костов шести пат во својата тренерска кариера го направи овој подвиг, а вторпат со штипската гордост Брегалница. По обезбедената второлигашка титула искусниот стратег се огласи и го анализира сработеното откако дојде на клупата минатото лето досега. 

Костов откри дека при доаѓањето Брегалница била во незавидна позиција со само шест фудбалери, но сега ситуацијата е целосно поинаква.

„Кога дојдов во клубот во јули 2025 година, клубот беше оставен во состојба на неизвесност околу опстанокот и со вкупно шест фудбалери на располагање (двајца сениори и четворица млади фудбалери).
Сите останати клубови од ВМФЛ веќе беа во одмината фаза од подготовките за новата сезона. Затекнат од жалната ситуација во клубот, за кој постоеше можност и целосно да згасне, се нафатив на одговорноста и успеавме набрзина да мобилизираме околу 18 фудбалери со голема поддршка од Општина Штип и градоначалникот Иван Јорданов, со што во последен момент склопивме тим и успеавме, со задоцнување од околу 20 дена, да започнеме со подготовките.

На резултатски план, секој клуб има тешки моменти во текот на сезоната. Истите, секако, на моменти ги имавме и ние, но се консолидиравме, се вративме уште посилни и бевме најдобри кога беше најпотребно, во директните дуели со конкурентите за првото место. Денес гордо стојам пред вас, искрените поддржувачи на мојот омилен и матичен клуб, ФК Брегалница. Ви се заблагодарувам што бевте со нас во текот на целата сезона, и во добро, и во лошо. Особено ми е мило и чест што на стадионот се вратија навивачи кои долго време не ги следеа натпреварите на ФК Брегалница.

Најголема благодарност до моите херои, фудбалерите, мојот стручен штаб и административниот персонал на клубот, на чело со претседателот на клубот. Исклучителна благодарност од сите нас во клубот до навивачките групи „Фаланга“ и „Ултра Банда“, кои секогаш и секаде беа со нас, како и до Советот на Општина Штип и медиумите, а посебна благодарност и до градоначалникот Иван Јорданов, кој цела година со своето присуство ни беше ветер во грб. Ја користам оваа прилика, во мое лично име, да им се заблагодарам и на спонзорите кои ни помогнаа да го изодиме овој пат кон ПМФЛ.

Ова е вкупно шести обезбеден пласман на клуб од ВМФЛ во ПМФЛ во мојата речиси 30-годишна тренерска кариера (двапати со ФК Брегалница и по еднаш со ФК Осогово, ФК Куманово, ФК Турново и ФК Пелистер).
Значајно е да се напомене и дека ова е успех во кој беа вклучени и свој придонес дадоа 11 домашни, штипски фудбалери во составот. Секако дека еден ден и јас ќе заминам од ФК Брегалница, но да знаете дека, кога тоа ќе се случи, зад себе ќе оставам клуб поставен на сериозни темели, клуб кој ќе биде гордост на градот.

Уште еднаш, ВИ БЛАГОДАРАМ и се гледаме во новата, но сега ПРВОЛИГАШКА сезона“, напипа Костов.

Брегалница прволигашкиот пласман и титулата во ВМФЛ ја прослави со убедлив триумф над Победа (7-0) пред своите гледачи.