• Зоран Мишевски

Никој не очекуваше дека на едно Светско првенство ќе видиме резултат како вчерашниот. Костарика загуби од Шпанија со 7-0 во првото коло од групата Е на Светското првенство во Катар и ги покажа сите свои лимити на овој турнир.
Одговорноста ја презеде селекторот Луис Фернандо Суарез, кој со трета различна репрезентација учествува на Мундијал, откако претходно ги водеше Еквадор и Хондурас.
„Шпанците повеќе напаѓаа, беа поостри со топката, особено во последната четвртина од теренот. А ние игравме сосема спротивно. Ја немавме топката, немавме идеја во напад. Во позадина само ја баравме и веднаш потоа ја губевме. Шпанија беше многу попродуктивна. Тажен сум, имав различни очекувања кога дојдов овде... Сепак, свесен сум дека ја делам одговорноста, јас сум одговорен за сите наши грешки“, изјави Суарез.
Искусниот стручњак верува во подобри изданија против Јапонија и Германија.
„Морам да сфатам што да им кажам на играчите, дека е готово, дека згрешивме, но мислам дека сите сме свесни за тоа. Треба да разговараме за поразот и брзо да го заборавиме. Ќе мора да бидеме сосема различни во следните два натпревари. Најдобар начин да се заборави е да се трудиме и да работиме напорно и што побрзо да постигнеме позитивни резултати“, изјави селекторот на Костарика.
Најголемиот успех на Костариканците датира од пред осум години, кога оваа селекција ја мина групата и испадна од Холандија по изведување на пенали во четвртфиналето.