Костадинов: Сите селекции во фудбалот веќе се цврсти и агресивни

Тихомир Костадинов одигра 70 минути во дресот на Македонија во ремито против Летонија (0-0). Играчот за врска ја имаше и една од најдобрите шанси на мечот да даде гол, но против него застана голманот на ривалот.

„Ни фалеше да го постигнеме тој гол, имавме свои ситуации и шанси, голманот на Летонија беше на ниво и имаше доста добри интервенции. Секако дека посакувавме да победиме, но не успеавме. Позитивното е тоа што повторно имаме нула во дефанзивата, но не сме задоволни со учинокот напред. Секоја екипа веќе игра таков фудбал, сите се цврсти и агресивни. Во Велс може да биде уште поагресивно, па мора да бидеме подготвени да се спремиме за тоа. Знаеме што ни следи и за што играме, така што ќе се потрудиме да се подготвиме максимално за она што ни следи во Кардиф“, изјави Костадинов.

Натпреварот меѓу Велс и Македонија се игра на 18 ноември. Нашиот национален тим го чека епилогот од дуелот меѓу Лихтенштајн и островската селекција, за да има јасна слика дали реми или само победа над ривалот ќе ја однесат по полесен пат да игра бараж за Мундијалот.