Костадинов ги скина лигаментите, оди на операција и го чека долга пауза

Македонскиот репрезентативец кој настапува во Пјаст Гливице, Тихомир Костадинов, заработи тешка повреда на натпреварот против Горник Лечна. 

Играчот за врска влезе во игра на полувреме, а веќе во 77. минута се повреди и беше заменет. Костадинов ги скина лигаментите на коленото и пред него е долга пауза. Тој ќе мора да закаже операција и заздравувањето ќе трае најмалку пет-шест месеци. Јасно е дека сезоната за Костадинов е готова и во најдобар случај би се вратил на стартот на следната. 

Самиот фудбалер се обрати на јавноста и се заблагодари за поддршката.

„Ќе се вратам посилен! Ви благодарам на сите за поддршката“, напиша Костадинов на социјалните мрежи.  

Ова е сериозен удар за Пјаст, но и за репрезентацијата на Македонија. Благоја Милевски нема да може да смета на Костадинов за јунските натпревари во Лигата на нациите. „Рисовите“ ги очекуваат дури четири натпревари за десет дена, против Бугарија, Грузија и двапати со Гибралтар.