Косовски играч на Динамо од политички причини не доби виза да игра во ЛШ

Фудбалерот на Динамо Загреб, Лирим Кастрати не доби дозвола од Молдавија да пристигне во државата и со својот клуб да игра во плеј-оф дуелот во квалификациите за Лигата на шампионите против Шериф Тираспол. 

Клубот се обидуваше да ја промени ситуацијата, бидејќи Косово не е признато како независна држава од Молдавија, потребна беше виза за посета. Иако навремено беше поднесено, беа поднесени апели до УЕФА и преку сојозот во Хрватска, оваа држава не издаде виза. 

„Ја известуваме јавноста и навивачите дека Динамо кон Молдавија упати молба за играчот на првиот тим Лирим Кастрати, инаку државјанин на Косово, да му се одобри виза за влез во земјата, со што би можел да биде дел од плеј-оф дуелот во ЛШ меѓу Шериф и Динамо. 

По интензивни контакти, Динамо изразува жалење дека играчот доби негативен одговор за патување во Молдавија. Играчот на Динамо за жал, поради политички причини, не доби виза и нема да може да ги реализира спортските цели“, напишаа од Динамо. 

Шериф ќе го дочека Динамо утре во Тираспол, со почеток од 21:00 часот во првиот од двата дуели во последната квалификациска фаза на Лигата на шампионите. Во тимот веројатно ќе биде македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, а клубот се надева дека Аријан Адеми ќе се опорави на време за настап.