Косово пресилно за нашите девојки, Македонија повторно загуби во Лигата на Нации

Женската репрезентација на Македонија загуби и во вториот натпревар од петтата група од Лигата на нации и забележа пораз од соодветната селекција на Косово со резултат 0-2. 

Гостинките подобро го отворија мечот и беше очигледно дека се порасположени од нашите репрезентативки. Косоварките имаа неколку изгледни прилики, а водството дојде во 20. минута, кога Валентина Лимани стрелаше прецизно за 0-1. До крајот на првиот дел, Косово го удвои водството, а Донјета Халилај во 41. минута го постави резултатот со кој екипите заминаа на пауза, 0-2. 

Во вториот дел Македонија заигра малку поангажирано, но првата солидна прилика стигна дури во 65. минута. Нашите девојки не успеаја да реализираат, а Косово почна полека да го приведува мечот кон победа која ги зголемува надежите за освојување на првото место во групата. Освен шансата на Гентијана Рочи во 89. минута, последните десетина минути не понудија премногу возбудувања, а на крајот косовската репрезентација го доби мечот со конечни 0-2. 

Македонската репрезентација останува на дното на табелата без освоени бодови, додека Косово со четири бода се изедначи со Бугарија, но во моментов е лидер во петтата група од Лигата на нации. 

ФОТО: Фудбалска федерација на Македонија (ФФМ)