ВИДЕО: Кошмарот за Марсеј продолжи и во Купот на Франција

Фудбалерите на Олимпик Марсеј и оваа сезона нема да се борат за трофејот во Куп на Франција, откако беа елиминирани во четвртфиналето од Тулуз по подобро изведување пенали (4-3). Во регуларниот дел резултатот беше 2-2.

Марсеј поведе уште во втората минута со голот на Мејсон Гринвуд од пенал, но гостите возвратија во 13. минута преку Јан Гбохо, кој по корнер се најде на вистинското место и од непосредна близина израмни. До крајот на првото полувреме домаќините беа поблиску до ново водство. Артур Вермерен ја погоди пречката, а имаше уште една добра шанса, но без реализација. Во второто полувреме Тулуз започна поагресивно и создаде неколку можности, но казната стигна во 56. минута кога Игор Паишау постигна одличен погодок за ново водство на Марсеј. Сепак, радоста траеше кратко, само четири минути подоцна Чарли Кресвел со прецизен удар со глава донесе израмнување на 2-2, што се покажа како конечен резултат по 90 минути.

И двете екипи имаа свои шанси до крајот, но патникот во полуфиналето беше решен по пенал-рулетот, каде што Тулуз беше посмирен и попрецизен, заслужено обезбедувајќи место меѓу најдобрите четири. Претходно, пласман во полуфиналето избори и Ница, која по подобро изведување пенали го елиминираше Лоријан на гостински терен. Во регуларниот дел натпреварот заврши без голови (0-0), а пенал-серијата траеше нешто подолго отколку во Марсеј. Ница беше поуспешна благодарение на едно промашување помалку и се приклучи на екипите што остануваат во трката за трофејот.