• Горан Упале

Завршија натпреварите од првото коло во групната фаза на сите европски натпреварувања, а оваа европска сезона е страшна за клубовите од Србија кои остварија катастрофален резултат, во кој на моменти е тешко да се поверува, но е вистина.
Верувале или не, во изминатите 13 натпревари во Европа, клубовите од Србија имаат сооднос една победа и дури 12 порази! Ова е најлошиот биланс на една земја во историјата на натпреварувањата на УЕФА кога се зема предвид бројот на клубови, натпревари и натпреварувања.
Вчера ТСЦ беше поразен во првото коло во Лига Европа од Вест Хем (3-1), Чукарички беше поразен од Ференцварош со 3-1 во првото коло од Конференциската лига, а Црвена Звезда беше поразена и од Манчестер Сити со 3-1 во првото коло од Лигата на шампионите во вторник.
Во квалификациите оваа сезона, ТСЦ забележа два порази од Брага, Чукарички впиша два порази од Олимпијакос, а Војводина двапати беше надиграна од АПОЕЛ во квалификациите за Конференциската лига.
Единствениот српски клуб што оствари триумф е Партизан, кој во второто прелиминарно коло од Конференциската лига го совлада Сабах од Баку, а во првиот натпревар беше поразен со 2-0. Потоа, Партизан двапати беше поразен од данскиот Нордсјеланд во плеј-офот од Конференциската лига.
Така, билансот на клубовите од Србија во тековната европска сезона изгледа вака: Партизан има една победа и три порази, Црвена Звезда еден пораз, Војводина два порази, ТСЦ три порази, Чукарички три порази. Вкупно 1-0-12! Кога во прашање е гол-разликата српските тимови досега имаат девет постигнати и дури 34 примени гола.