Коруновски: Самите сме си најголем ривал, Пелистер мора да се врати во ПМФЛ

Gol.mk ексклузивно интервју

По завршувањето на второлигашката конкуренција, фудбалерите на Пелистер ја освоија есенската титула и ја најавија кандидатурата за враќање во елитната категорија. Спортскиот директор Пеце Коруновски го анализираше турболентниот период во кој битолчани постојано беа на првите две позиции, а со победите во последните две кола презими на врвот.

„Се насочивме уште летото да донесеме квалитетни засилувања. Доведовме 4-5 новајлии, имавме и добри и лоши моменти во подготовките, но полусезоната ја отворивме со победа. Имавме два домашни кикса, ремито со Гостивар, каде што Маневски не реализира пенал и подоцна поразот од Скопје. При првиот пораз се почувствува замор и донесовме одлука да направиме тренерска смена. По поразот од Вардар Форино во Гостивар, заедно со управниот одбор се одлучивме за промена и го доведовме Штерјовски.

Неговото деби беше со пораз во Купот од Работнички со 4-0, но верувајте тоа прво полувреме во Скопје беше наше најдобро полувреме есенва. Мислам дека лесно можеше да биде и 0-4“, смета Коруновски.

Спортскиот директор на битолчани ја објасни и тренерската смена која изненади многумина, бидејќи Крстески беше сменет кога Пелистер беше лидер.

„Разговаравме уште во летниот период со Дарко Крстески. Му посочивме каде се појавуваат проблеми од минатата сезона. Кога забележавме дека се повторуваат истите проблеми се одлучивме за смена. Ако победевме во Лабуништа ќе побегневме на врвот, но ние игравме многу лошо. „Црвеното светло“ светна по натпреварите со Лабуништа и Вардар Форино. Се одлучивме за тренерска смена не заради лошите резултати, туку заради играта. Според мене, Пелистер не смее да игра така како што играше. Пелистер мора да игра агресивно, секогаш да игра офанзивно и на победа. Резултатите ќе покажат дали сме биде во право. Јас можам само да кажам дека верувам во Штерјовски и неговите помошници“, заклучи спортскиот директор.

Главна карактеристика на битолчани е младиот ростер, па често оваа сезона можеа да се забележат 7-8 младинци во стартниот тим. Коруновски ја објаснува стратегијата со клупската академија. 

„Можеме да се пофалиме дека направивме еден склоп на перспективни млади фудбалери кои ги префрламе во сениорскиот тим. Веќе имаме многу деца родени 2003 година кои веќе тренираат и се носат со сениорите. Оние кои што ја знаат тематиката, знаат колку е тешко да се произведе фудбалер. Ние денес имаме 12 младинци кои тренираат и играат со првата екипа, а први сме на табелата. Се јавува еден друг проблем. Имаме млади фудбалери и искусни од преку 30 години. Имаме голем јаз на фудбалери од 20 до 30 години. Ако погледнете и низ Првата лига нема многу битолчани кои играат, а се на оваа возраст од 20 до 30 години. Ние направивме анализа, само четворица битолчани на оваа возраст играат низ Македонија. Сакаме да изградиме корен, да го надополниме она што не се работело претходно“, смета Коруновски. 

И покрај лидерството и есенската титула, пелистерци најавуваат неколку засилувања оваа зима. 

„Веќе разговараме со стручниот штаб околу засилувањата оваа зима. Мораме да ја освежиме екипата, бидејќи имаме проблеми во некои линии во тимот и сигурно 3-4 новајлии ќе пристигнат во зимскиот преоден рок. Можеби ќе звучам нескромно и нема да потценам никого, но само Пелистер може да си направи проблем. Ние сме Пелистер, мора да го освоиме првото место и да се вратиме во Првата лига. Пак ќе речам, не потценувам, но се знае кој и што е Пелистер во мак-фудбалот“, ни рече Коруновски. 

Најголем проблем оваа зима на битолчани сепак ќе им претставуваат наталожените долгови од претходните управи. Коруновски е оптимист и по оваа тема. 

„Знаете како беше наследен клубот од претходниците. Долгот изнесуваше 400.000 евра, успеавме да го преполовиме, но сега останува најтешкиот дел. Предадени сме на судот во Лозана од наши поранешни фудбалери-интернационалци кои имаат побарувања од клубот, Но, верувам дека ќе обезбедиме средства во следните неколку недели и нашиот сопственик Пеце Стојчевски, кој дава максимални напори, ќе го донесе клубот на нула. Ние како управа не смеа направиле ни евро долг, тоа е наследен долг и мора да го платиме. Со тие 200.000 евра колку што уште треба да платиме, можеше да се подобри тимот, инфраструктурата, условите...“, заврши Коруновски. 

Пелистер само минатата сезона не успеа од ВМФЛ-Запад да се искачи категорија погоре, а во претходните два наврати експресно се враќаше во елитната категорија. 

Разговара: Зоран Мишевски