Коронавирусот кобен за Бугаринот Никола Спасов, почина поранешниот тренер на Брегалница

Денес, во 62-та година од животот почина поранешниот тренер на Брегалница, Никола Спасов. Бугарскиот стратег почина по тринеделна битка со коронавирусот, не успевајќи, за жал, да го издржи лекувањето од двојната бронхопневмонија, соопшти клубот од Штип на својата официјална веб страница. 

Искрените љубители на фудбалот од Штип на Никола Спасов ќе се сеќаваат како тренер кој остави силна трага во историјата на Брегалница. Во три наврати го водеше нашиот клуб, во 2005, во 2011 и во 2012 година. Во својата кариера беше и тренер на бугарските клубови Черно Море, Спартак Варна, Царско село и Монтана.

Сопственикот, раководството и целокупното семејство на ФК Брегалница искажува искрено сочувство до семејството и најблиските на Никола Спасов, уште еднаш нагласувајќи дека фудбалски Штип засекогаш ќе го чува споменот за неговото дело оставено за историјата на „сините“.