• Саше Љолес
Корејскиот репрезентативец и долгогодишен член на Тотенхем, Хеунг Мин Сон, најверојатно го напушта лондонскиот премиелигаш, иако има важечки договор до крајот на следната сезона.
Англиските медиуми објавија дека Сон добил огромна и богата понуда од дури четири клубови од Саудиска Арабија, а тоа се Ал-Ахли, Ал-Итихад, Ал-Хилал и Ал-Наср. Сите понуди за соработка се вредни над 100 милиони евра, што значи дека Кореецот лесно би можел да замине од Лондон и да премине на арапскиот полуостров.
Сон пред неколку дена изјави дека е задоволен од постигнатото во Тотенхем, особено откако тимот триумфираше во Лига Европа, па затоа сака да искуси нов предизвик во кариерата. Се претпоставуваше дека ќе остане кај „петлите“ уште најмалку една година, но парите можат да играат главна улога во неговата одлука.
Навивачите на Тотенхем посакуваат да го гледаат и следната сезона и веќе упатија пораки за да остане во тимот. 32-годишниот Сон е во клубот од 2015 година и одигра 333 премиерлигашки натпревари, на кои постигна 127 голови.