Копиќ: Доаѓаме на покана на Ивановски, Динамо ќе одигра добар меч во Битола!

Хрватскиот стратег на клупата на Динамо Букурешт, Жељко Копиќ, изрази благодарност за поканата и можноста неговиот тим да одигра пријателски натпревар против прволигашот Пелистер, кој слави 80 години од своето постоење. 

Копиќ изјави дека му е голема чест што е дел од јубилејот кој го слават, како што рече - неговите пријатели и добри соработници. 

„Убаво е кога човек има пријатели и луѓе со кои е во добра соработка. Јас се познавам со Мирко Ивановски, работевме заедно во два клуба, а беше и играч на Динамо, па затоа не размислувавме многу и го потврдивме доаѓањето веднаш откако го проверивме нашиот распоред. 

Сакам да одиграме солиден меч и да ја прикажеме нашата игра. Дојдовме со интересен состав, а дел од повиканите се од младинската школа. Навивачите во Битола ќе можат да видат еден борбен Динамо, полн со желба за добро и квалитетно претставување“, изјави Копиќ.  

Натпреварот помеѓу Пелистер и Динамо Букурешт ќе се одигра в недела на стадионот „Петар Милошевски“, а почетокот е закажан за 17:30 часот.