Копенхаген ја слави 11. титула шампион на Данска

На три кола до крајот во данскиот шампионат, по вчерашната победа над Нордсјеланд од 2-0, фудбалерите на Копенхаген и официјално се нови шампиони на Данска. Стрелец на двата гола што значеа и недостижни 10 бода пред Сондерјиске, беше Парагваецот, Федерико Сантандер.

За Копанхеген оваа титула е прва по три години пауза, а вкупно нивна 11. во историјата на данскиот шампионат, Фудбалерите на Стале Солбакен заслужено стигнаа до титулата, бидејќи доминираа во текот на целата сезона. Покрај титулата шампион, тимот на Копенхаген е освојувач и на Куп трофејот оваа сезона.

Копенхаген, кој е релативно млад клуб со 23-годишна историја, веќе го престигна најголемиот ривал Брондби по бројот на титулите, кој остана на 10 трофеи. Копенхаген во наредната сезона ќе настапува во квалификациите за пласман во ЛШ.