Контроверзниот судија кој ги навреди Ливерпул и Клоп доби отказ

Професионалниот одбор за официјални натпревари (ПГМОЛ) ја потврди одлуката за отпуштање на контроверзниот судија Дејвид Кут, по истрагата за неговото однесување. Долгогодишниот судија во Премиер лигата остана без работа поради контроверзна снимка.

Откако на Интернет се појави видео од судијата како го навредува Ливерпул и тренерот од минатата сезона, Јирген Клоп, здружението ПГМОЛ на социјалните мрежи објави дека Кут добил отказ поради прекршување на договорот за вработување.

„По темелна истрага, веднаш му беше прекинат работниот однос во нашата организација. Неговите постапки сериозно го нарушуваат договорот за вработување што го има со нас, поради што неговата позиција во нашата организација е неодржлива“, се вели во официјалното соопштение на ПГМОЛ.

Споменатиот судија во изминатиот период веќе беше под истрага поради спорните картони кои ги делеше во неколку наврати. Во 2024 година, Кут ја делеше правдата на 19 натпревари, на кои подели вкупно 89 жолти картони, што во просек дава 4,68 по натпревар. Неговиот последен ангажман беше на натпревар на клубот кој „најмногу го сака“ против Астон Вила на „Енфилд роуд“ на 9 ноември, каде што „црвените“ победија со 2-0.

Дејвид Кут има право на жалба на оваа одлука.