Конте си потпиша отказ: Не беше препозната мојата работа, управата не ме заштити!

Со победата во директниот дуел со Аталанта во Бергамо, Интер ја освои вицешампионската титула во Серија А и ќе заработи десет милиони евра повеќе од Аталанта која заврши како третопласирана. Сепак, ниту трите бода и одличниот крај на шампионатот не го задоволија Антонио Конте, кој беше директен на прес-конференцијата.

Тренерот, роден во Лече, директно ја нападна управата на Интер за слаба заштита во текот на сезоната и според некои италијански медиуми, си потпиша отказ.

„Задоволен сум и среќен за мене и стручниот штаб и за фудбалерите. Втори сме на крајот, но нема што да се слави. Сепак, ваков резултат одамна не се видел во Интер. Ова беше тешка сезона за мене лично. За жал не беше препозната мојата работа и напорот на фудбалерите. Мислам дека не бевме доволно заштитени од клубот од сите незаслужени критики. Треба сите добро да размислиме кога ќе заврши оваа сезона. Не ми се допаѓа кога некој се кити со нашите перја, а во текот на целата сезона бевме „масакрирани“ од критики“, како и секогаш остро се обрати Конте.

Многумина ја споредуваат оваа негова изјава со онаа кога беше тренер на Јуве, кога рече дека со десет евра не може да се влезе во ресторан од сто евра. Сепак, вреди да се напомене, дека Интер е вицешампион на Италија со 82 бода, ист број на бодови со кој стана шампион на Италија пред десет години во годината на тројната круна на Мурињо и Пандев.