Конте: Секоја чест за сите играчи, но Де Брујне е од друга димензија!

Предводникот на италијанскиот шампион, Наполи, Антонио Конте, изнесе пофални зборови за Кевин Де Брујне, кој остави одличен впечаток по доаѓањето кај „партенопеите“ и веќе се наметна како лидер на екипата. 

Белгискиот репрезентативец е движечка сила на наполитанците, а тоа го потврдува и Конте, кој вели дека Де Брујне е посебна класа која „отскокнува“ од останатите. 

„Кевин е навистина посебен играч, тој е во друга димензија. Имаме голем квалитет во тимот, но со него во соблекувалната, ситуацијата е сосема поинаква. На теренот самиот го кажува своето, го видовте неговиот досегашен учинок. 

Многу години играше на највисоко ниво во Премиер лигата и точно знае како се добиваат важни натпревари. Може да го реши мечот со еден до два потега, во тоа се уверивме и на дуелот со Спортинг. Секоја чест за мојот колектив, но Кевин е навистина неверојатен“, рече Конте. 

Наполи солидно ја започна сезоната во Серија А, забележа четири победи и еден пораз, а во Лигата на шампионите ги впиша првите три бода после победата над Спортинг, во која Де Брујне двапати асистираше за двојниот стрелец Расмус Хојлунд. 

Најнови вести од
УЕФА Лига на шампиони