• Горан Упале
Антонио Конте, менаџерот на Тотенхем беше одушевен од настапот на своите избраници против Евертон. „Петлите“ со пет гола во мрежата на ривалот од Ливерпул впишаа значајна победа во битката за Лигата на шампионите, а италијанскиот стратег беше задоволен од она што неговиот тим го прикажа во победата против Евертон.
„Добра игра, добар одговор на последниот пораз. Не беше лесно бидејќи Евертон се бореше. Имаат добар тим, со добри играчи. Но, одигравме одличен натпревар вечерва, добро се движевме со топката, цело време го напаѓавме просторот. Задоволен сум од она што го покажаа моите играчи, напорната работа почнува да се исплатува. Тимот напредува, но може уште подобро. И јас и играчите сакаме да се бориме за врвот на табелата. Мораме да преземеме одговорност и да дадеме сè од себе во последните дванаесет натпревари. Ќе видиме каде ќе завршиме.
Откако дојдов во Тотенхем, мислам дека сум доволно реален. Моите очекувања се зголемија по овој натпревар. Не е лесно некој да ја победи мојата екипа кога имаме доволно време да се подготвиме. Проблемот е кога имаме краток период помеѓу натпреварите“, рече Конте.
Со оваа победа Тотенхем се доближи до четвртопласираниот Арсенал на само три бода, но „топџиите“ имаат еден натпревар помалку.