Конте: Немавме среќа во ждрепката, но ние сме Италија и знаеме што да правиме!

На ден пред бараж натпреварот меѓу Италија и Македонија, некогашниот фудбалер и сегашен тренер Антонио Конте стана член на „Куќата на славните“ во италијанскиот фудбал, во категоријата селектор.

По добивањето на признанието искусниот стратег им се заблагодари на фудбалска Италија, а и го даде своето мислење за баражот на „аѕурите“ за пласман на следното Светско првенство. 

„Дефинитивно немавме среќа и во групната фаза и со ждрепката. Сепак, ние сме Италија и добро знаеме што да правиме. Ние сме шампиони на Европа, да не го заборавиме тоа. Сигурно нема да биде лесно, бидејќи најсилните екипи во плеј-офот се Италија и Португалија. Сепак, мислам дека го имаме она што ни треба за да се квалификуваме. Треба да стигнеме до Светското првенство“, рече менаџерот на Тотенхем.

Конте стана петтиот италијански стратег кој што доби свое место во „Куќата на славните“, по Саки, Трапатони, Липи и Манчини.