Конте: Не го гледав Интер, туку Фиорентина со Емполи 

Поразот на Интер од Рома и триумфoт на Наполи над Торино во 34. коло од Серија А ги оставија наполитанците сами на врвот на табелата за првпат од 25 коло, на 360 минути до крајот на трката за шампионатот во Италија.

Во овој момент, буквално сè е во рацете на играчите на Антонио Конте, кои прво ќе играат на гости кај Лече во следното коло од шампионатот, потоа ќе ја пречекаат Џенова дома, па ќе патуваат во Парма и на крај ќе играат против Каљари пред своите навивачи.

На прв поглед, распоредот им дава надеж на навивачите на Наполи дека нивниот клуб би можел да ја освои титулата, па дури и експертот за трофеи се надева дека неговите играчи ќе ја одржат предноста од три бода во однос на најблискиот конкурент.

„Направивме важен чекор кон таа цел, но сè уште не е завршено. Имаме четири натпревари пред нас и мора да бидеме паметни и фокусирани. Нашите ривали ќе бидат тимови од дното на табелата, што значи дека ќе мора да работиме напорно“, рече Конте.

Натпреварот помеѓу Интер и Рома заврши пред Наполи да го започне против Торино, но искусниот тренер тврди дека не го гледал натпреварот.

„Не, не го гледав натпреварот, но го следев второто полувреме помеѓу Фиорентина и Емполи, а телефонот ми беше исклучен, па за победата на Рома дознав подоцна. Кој ми верува – верува, а оние кои не ми веруваат, што да им правам“, рече Конте.

За разлика од Наполи, Интер има многу потежок распоред, бидејќи тимот од Милано има натпревари против Верона дома, Торино на гости, потоа Лацио на „Сан Сиро“, а во последното коло тимот гостува во Комо.