• Горан Упале

Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте по победничкиот гол на саботниот дуел со Борнмут (3-2) истрча во тунелот. Како што самиот вели ризикувал инфаркт, а на клупата се вратил дури кога сфатил дека голот е регуларен.
Се чинеше дека Тотенхем е пред трет последователен пораз, бидејќи имаше негатива од 2-0, но направи неверојатен пресврт и со гол во самата завршница собра значајни три бода во Премиер лигата.
„Се вратив кога дознав дека голот е регуларен. Мислев дека може да доживеам срцев удар ако и овој гол ни биде поништен. Слегов долу и ја чекав одлуката на судијата“, изјави Конте.
Конте алудираше на натпреварот со Спортинг во средата, кога на Тотенхем му беше поништен гол за победа во судиското надополнување поради тоа што Хари Кејн беше фатен во офсајд.