Конте: Имавме „бонус“ во однос на Интер, но сега сите карти се отворени

Антонио Конте не беше задоволен по ремито на Наполи против Џенова во 36. коло на Серија А, истакнувајќи дека чувствува огорченост и разочарување за конечниот епилог од мечот.

„Партенопеите“ направија мал кикс и му дозволија на Интер да се доближи на само еден бод во шампионската трка, а Конте смета дека на мечот со Џенова неговиот тим заслужил да го освои целиот плен.

„Чувствувам огорченост и мал гнев, но ја прифаќам ситуацијата. Имавме мал „бонус“ во однос на Интер, но сега сите карти се отворени. Мислам дека заслуживме да победиме, Џенова шутна двапати кон голот и успеа да погоди. 

Во фудбалот има и вакви мечеви, некогаш имате иницијатива, шанси, добра игра, но едноставно резултатот не оди во ваша полза. Мораме да се фокусираме на следниот меч, мисијата не е остварена и ќе се бориме до самиот крај“, изјави Конте. 

Во следното коло Наполи ќе гостува кај Парма, додека Интер ќе се сретне во дерби меч против Лацио на „Џузепе Меаца“.