Конте: Едвај чекам да почнам со работа и на тимот и навивачите да им ја пренесам страста

Нуно Еспирито Санто по само нешто повеќе од четири месеци заработи отказ од кормилото на Тотенхем, откако лондонскиот гигант бележеше катастрофални резултати на стартот од сезоната во Премиер лигата. 

Челните лица на „петлите“ експресно ја пронајдоа замената за португалскиот стратег и довербата му ја доделија на Антонио Конте. Италијанецот, по големиот успех со Интер и шампионската титула во Серија А, по завршувањето на ланската сезона ги напушти редовите на миланскиот гигант и по неколку месечната пауза се врати во Премиер лигата.

„Многу сум среќен што се враќам на тренерските води, а уште повеќе што се враќам во Премиер лигата и тоа во клуб што има амбиции да се врати во врвот. Тотенхем има модерна инфраструктура и објекти за тренинг, како и еден од најдобрите стадиони во светот. Едвај чекам да започнам да работам и на тимот и навивачите да им ја пренесам страста, но и менталитетот и одлучноста кои секогаш ме разликувале од другите, како играч и како тренер“, рече Конте на промоцијата.

Конте своето деби на клупата на Тотенхем ќе го има в четврток на натпреварот од Конференциската лига против Витесе.