Конте бара гаранции од управата за да остане во Интер

Интер стана шампион на Италија и по десет години повторно е на тронот, но тоа не е сигурност дека Антонио Конте и понатаму ќе го води тимот, пишува „Тутоспорт“. Според италијанскиот весник, тренерот бара гаранции од управата за да остане во Милано.

Конте е рекордер според платата во Серија А и добива околу 12 милиони евра по сезона, што е голем товар за „нераѕурите“ ако се земе предвид дека цела Европа е во финансиска криза поради пандемијата со коронавирусот.

Меѓу двете страни има преговори за иднината, а наводно, од управата бараат Конте да ја намали платата. Конте и Интер се на маса, а италијанскиот стратег бара гаранции од управата за иднината на Интер, односно дека калчолигашот и понатаму ќе цели на највисок пласман на домашната и на меѓународната сцена.

Антонио Конте и Интер имаат договор до крајот на 2022 година, а желба на челните луѓе е тренерот и понатаму да остане на клупата.